Регулаторната комисија за енергетика наложи раздвојување на брендот и операциите меѓу ЕВН и Електродистрибуција

Од:

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донела одлука со која му наложува на Операторот на дистрибутивниот систем – Електродистрибуција да преземе конкретни чекори за раздвојување на своите брендови и операции од ЕВН, во согласност со Законот за енергетика.

Според одлуката до која што дојде А1он, РКЕ оценува дека досегашната практика на Електродистрибуција создава конфузија кај потрошувачите во однос на независноста на компанијата од снабдувачот ЕВН, што довело до покренување постапка за злоупотреба на пазарната позиција и недозволено користење на трговската марка.

Поради ова на компанијата и е наложено отстранување на брендот на ЕВН од инфраструктурата и комуникациите најдоцна до 30 јуни годинава.

Компанијата е задолжена да го отстрани логото на ЕВН од сите трансформаторски станици, опрема, возила, билборди и реклами мора да го носат само логото на Електродистрибуција. До истиот рок, компанијата треба да го смени е-поштенскиот домен evn.mk со нов, кој ќе одразува независност од ЕВН. Од веб-страницата на Електродистрибуција мора да се отстрани целата содржина поврзана со ЕВН. Во сите кориснички центри (КЕЦ) смее да се користи само брендот на Електродистрибуција, без никакви препратки кон ЕВН.

Потоа согласно одлуката на РКЕ, ЕВН треба да спроведе и оперативно раздвојување до истиот рок односно Електродистрибуција мора да има посебни деловни простории, одвоени од компаниите во групацијата ЕВН, потребно е да се формира независен архивски систем за документи. Дополнително, компанијата мора да обезбеди независни човечки ресурси, техничка опрема, финансии и материјални средства.

РКЕ и наложува на ЕВН во крајот на септември годинава да направи и целосна анализа на договорите за споделените услуги со ЕВН и да ги усогласи со принципите за функционално раздвојување.

Иако Регулаторната комисија не изреклa финансиски казни во оваа фаза, но ќе го следи процесот и ќе бара редовни извештаи за напредокот во исполнувањето на овие мерки.

Ваквата одлука е насочена кон заштита на конкуренцијата на енергетскиот пазар и јасно дефинирање на улогите на дистрибутивните и снабдувачките компании. Останува да се види како ЕВН и Електродистрибуција ќе ја имплементираат оваа одлука и како тоа ќе влијае врз пазарната динамика во електроенергетскиот сектор на Северна Македонија.