Jулија Ванделт од Полска, која го привлече светското внимание со тврдењата дека таа е исчезнатата Медлин МекКен, беше уапсена на аеродром во Англија веднаш штом слета на англиска почва.
Јулија (23) е приведена веднаш по слетувањето на авионот од Вроцлав, Полска.
Нејзиниот претставник, Сурџит Синг Клер, го потврди апсењето, велејќи дека Ванделт е уапсена под сомнение дека ги следи и малтретира Кејт и Гери МекКен, родителите на Медлин МекКен.
Според очевидци, Ванделт била опколена од полицајци пред збунетите патници.
Полицијата во Лестершир во соопштение рече: „Синоќа две жени беа уапсени на аеродромот во Бристол како дел од тековната истрага. Една 23-годишна жена од Полска и една 60-годишна жена од Велс беа уапсени под сомнение за сериозен аларм/вознемирување. И двете остануваат во притвор, а истрагите продолжуваат“.
Јулија Ванделт стана интернет сензација во февруари 2023 година, кога почна да објавува тврдења на Инстаграм, под корисничкото име @IAmMadeleineMcCann, дека таа е исчезнатата Медлин.
Таа истакна сличности, вклучително и ретка абнормалност на очите, и тврдеше дека има празнини во сеќавањата од детството.
Таа гостуваше и во американското шоу „Д-р Фил“.
И покрај претходните ДНК тестови кои покажаа дека Ванделт има полско, литванско и романско потекло, а не е Британка како семејството МекКен, таа неодамна објави „нови“ резултати од ДНК тврдејќи дека е поврзана со Гери МекКен.
Таа тврдеше дека новите тестови ги анализирал „светски експерт“ и дека тие покажуваат совпаѓање од 69,23% со ДНК пронајдена на местото на исчезнувањето на Медлин. Семејството МекКен не учествуваше во овие тестови.
Медлин МекКен исчезна на 3 мај 2007 година од нејзиниот стан во Праја да Луз, Португалија, додека нејзините родители вечераа во блискиот ресторан. Таа имаше само три години.