Познатиот музичар Стинг одложи два свои концерти и го откажа претстојното појавување на доделувањето на наградите на списанието Bass поради нарушено здравје, пишува Daily Mail.
73-годишниот пејач на доделувањето на наградите требаше да добие награда за животно дело, но нема да може да присуствува поради здравствени проблеми.
Поранешниот фронтмен на Police ги одложи концертите и во САД, во Феникс, Аризона и во Калифорнија, а тие се одложени до крајот на месецот додека не закрепне.
Не беше наведено за каков здравствен проблем се работи.
Портпаролот на Стинг во објава на социјалните мрежи потврди дека обожавателите можат да ги задржат своите оригинални билети, кои ќе важат за новите датуми на концертот.
„По совет на неговиот лекар, поради болест, со длабоко жалење Стинг мора да го откаже своето појавување на наградите на магазинот Bass и да ги одложи концертите на STING 3.0. Фановите ќе имаат стари билети валидни за новите датуми. Стинг искрено се извинува за секоја непријатност и изразува благодарност до неговите фанови за разбирањето“, изјави портпаролот на пејачот.