Македонија на меѓународен план да го афирмира учеството на жените во мисиите на НАТО и во застапеноста во институциите, порачаа денеска експертите на конференцијата посветена на „Имплементација на UNSCR 1325: ефективна платформа за надминување на постојните предизвици на РМ во напорите за придонесот кон светскиот мир“, во организација на Евроатланстскиот Совет на Македонија во соработка со Британската амбасада.
– Обединетите нации некако се заглавени со имплементацијата на оваа Резолуција во голем дел во постконфликтните општества каде што имаат големи проблеми со културните разлики и бариери на прифаќање на жените. Имајќи го предвид фактот дека Република Македонија има интензивно искуство, го институционализираше овој феномен присуството на жените во безбедносните анализи и знаејќи ги анализите на последниот ОН извештај за оваа резолуција, сакаме да понудиме една платформа со која ќе можеме или да се вклучиме поинтензивно во процесите на ОН во овој дел или истите да ги дадеме како препораки, истакна професорот Методи Хаџи Јанев, претставник на Евроатланскиот совет.
Во однос на учеството на жените во мисиите и во безбедносните структури, Хаџи Јанев вели дека ситуацијата во Македонија е одлична.
– Тоа фактите го говорат, а тоа е дека жената и тоа како е институционализирана кај нас. Тоа значи дека сме на одредено ниво, но и дека работите треба да се унапредуваат се уште. Сметаме дека е многу подобро со вакви предности што ги имаме да поентираме на меѓународен план, рече професорот.
Претседателот на Евроатланскиот совет Ризван Сулејмани рече дека потребно е Македонија да се афирмира со тоа дека и жената може многу да придонесува во тоа што значи мир и во светски рамки.
– Жената има некои предности во тоа што значи сензибилност односно чувство за одржување на мирот и афирмирање на мирот посебно во постконфликтните земји, каде секогаш жената доаѓа до израз, изјави Сулејмани.
Застапеноста на жени во составот на АРМ е од околу 8 отсто и во Министерството за одбрана со 34,6 отсто е на ниво на НАТО земјите како што се Норвешка и Шведска. Но бројот на жени не го следи овој процент.
Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски истакна дека за Македонија дополнителен предизвик претставува и исполнувањето на новата Партнерска цел – Г4590-Родова еднаквост и перспектива која е тесно поврзана со имлементацијата на точките од Резолуцијата 1325, но и од потребите на НАТО силите изразени во Акцискиот план на НАТО за имплементација на Резолуцијата 1325 и сродни документи.
– Особено внимание треба да посветиме на родово сензивирање на сите вработени, со посебен осверт на воените старешини и раководниот и команден кадар, вклучување на родовата перспектива во образованието, обуката и кариерниот развој на вработените во МО и АРМ во програмите на Воената академија, вклучување на родовата обука во предупатната обука во мисии во странство, обука за родовои советници и други видови родови специјалности, во согласност со потребите на НАТО и партнерските земји за учество во мисии во духот на паметна одбрана, зголемување на бројот на жени кои ги исполнуваат утврдените критериуми на раководни и командни должности и превземање на охрабрувачки мерки за зголемен број на жени за учество во воени мисии во странство, вклучување на родовиот принцип во сите стратешки и планирачки документи на МО и АРМ, рече Стефановски.