Регистрацијата поскапува, се воведува и налепница дека е платена

Од:

За учество во сообраќај на патиштата, освен што возилото треба да биде регистрирано, да има важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и да биде означено со пропишани регистерски таблици, возилата ќе треба да бидат означени и со налепница за извршена регистрација.

„Целта е службеното лице на МВР да не мора да го проверува секое возило во сообраќајот дали е регистрирано, бидејќи регистрацијата на возилото ќе ја препознае преку налепницата која треба да биде истакната на видно место, најверојатно на предното ветробранско стакло, што претставува решение по европски терк. Со ова, застанувањата ќе се намалат за голем процент, што е во интерес на полицијата и секако на граѓаните, рече портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев.

Налепницата, рече тој ќе се добива при процесот на регистрација од страна на МВР. Предвидено е кога Законот откако ќе помине во Собранието, оваа обврска да почне да важи една година од неговото донесување, а до тогаш, ќе се направат сите подготовки.
Зголемувањето на цената на регистрација, според Ѓоѓиев, нема да биде големо, односно ќе биде сведено на ниво на симболика.

Со измените, појасни, се уредуваат и постапките за хомологација на возилата за превоз на опасни материи, кои треба да ги исполнуваат техничките барања, согласно Европската спогодба за меѓународен патен превоз за опасни материи, како и хомологација на возилата за превоз на лесно расипливи прехранбени производи.

„Првпат ќе се акредитираат правни лица кои ќе ги вршат постапките за одобрување на возилата за лесно расиплива стока и возила кои превезуваат опасни материи во меѓународниот сообраќај. Досега вакви акредитирани агенции немаше, а постапката беше недоволно дефинирана. Ова повеќе нема да се случува“, рече Ѓорѓиев.

Се воведува уште еден новитет, а тоа е информирање на потрошувачите за потрошувачката на гориво на купеното возило, односно емисијата на гасови-CO2 за секој тип возило.

„При купување ново возило од авто салон, продавачот е должен на потрошувачот да му ги достави сите потребни информации кои се пропишани во оваа директива, а се потребни за потрошувачот да се запознае со валидните перформанси на возилото. За непочитување на одредбата, предевидена е глоба“, рече Ѓорѓиев.