Директорот на гимназијата „Јосиф Јосифовски” во Гевгелија нападнал и претепал вработен во подружницата на „Кроација осигурување” објави мкд.мк.
Тој упаднал во просториите на хрватската фирма и го нападнал и повредил Б.Т. од Кавадарци, нанесувајќи му сериозна повреда во пределот на главата по што тој бил префрлен и задржан на лекување во болницата во Гевгелија.
Како што дознава мкд.мк од полициски извори од Гевгелија, ова не е прв случај Б.Н. да учествува во насилни дела. Тој неколкупати предизвикувал слични инциденти, но секогаш минувал само со прекршочни пријави.
Инаку, станува збор за човек кој досега извршувал повеќе функции во градот. Тој бил началник на полицијата, советник во Градското собрание, заменик – градоначалник, претседател на фудбалскиот клуб Кожув, а сега е директор на гимназијата „Јосиф Јосифовски“.
Од полицијата го потврдија инцидентот, но засега не соопштуваат детали за случајот ниту мотиви за нападот.
„Можам само да потврдам дека настанот се случил околу 14,45 часот, а инцидентот е предизвикан од лицето Б.Н. Случајот е евидентиран, а гевгелиската полиција се уште работи на него. Против Б.Н ќе биде поднесена прекршочна пријава“, изјавила за мкд.мк, Хризантема Рендевска, портпаролка на СВР Струмица.
На прашањето како е возможно лице кое нападнало и повредило друго лице да помине само со прекршочна, а не со кривична пријава, таа одговори дека полицијата од Гевгелија дополнително ќе ги доставела квалификациите за делото.
Според изворите, кога се случил инцидентот, во полиција се јавила вработена во осигурителната компанија кој посочила дека Б.Н. го нападнал и повредил нејзиниот колега Б.Т., таа била повикана во полициската станица да даде детален исказ. Во станицата била однесена околу 16 часот, а се до 22 часот полицајците ја убедувале да го смени исказот.
Од мкд.мк се јавиле во подружницата на „Кроација осигурување“ во Гевгелија, но од таму само кратко им рекле дека не сакаат да даваат никаква изјава за случајот.