Главниот проблем меѓу владата и граѓанските организации е што тие не се поврзуваат, беше посочено на денешната дебата „Вин-Вин политика“, организирана од Македонскиот центар за европско образование и фондацијата Институт отворено општество.
Никола Бертолини, од Генералниот директорат за проширување на Европската комисија говореше за улогата на граѓанското општество во процесот на преговори со Европската унија.
Бертолини истакна дека забележал конфронтација меѓу владата и цивилниот сектор, и порача дека само кога владата ќе сфати дека може да го користи граѓанскиот сектор за услуги и консултации тогаш тоа ќе биде победничка вин- вин политика за двете страни. Зборувајќи како цивилниот сектор да биде поодржлив, тој истакна дека основниот принцип на европската помош е да се поврзе политичката со финансиската помош.
„Никогаш нема да се дојде до успех ако само се нудат фондови без политичка цел. Секогаш има повеќе пари отколку добро напишани проекти“, изјави тој, додавајќи дека ситуацијата меѓу владата и цивилниот сектор е како брак, само што не постои опцијата за развод, бидејќи последиците би биле многу големи.
Анализата во неодамна објавениот осумнаесетти извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, насловен како „Вин- вин“ политика покажува дека со поголема ангажираност на Владата може да се вработат 7.700 лица со полно работно време на годишна основа.
Лидија Димова, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование говореше дека заради големите политички влијанија во државата, граѓанскиот сектор во јавноста честопати е перцепиран како близок до власта или опозицијата.
Во врска со зајакнување на македонскиот цивилен сектор, таа го представи предлогот според кој покрај ИПА фондовите ќе се формира т.н. Фонд за развој на демократијата, во кој од државниот буџет ќе се слеваат 12 милиони евра годишно. Овој фонд ќе треба да се користи за градење на капацитети на граѓанските организации според нивните потреби и би се покривало учеството во европските проекти, а сето тоа би резултирало позитивно за државата со активните мерки за вработување.
Темјана Поповска