Украина не успеа да ја помести својата линија на фронтот во конфликтот со Русија во текот на изминатата година, и покрај значителната поддршка од НАТО.
Ова го изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
На прес-конференција пред состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел, тој го повика НАТО да не ги потценува одбранбените способности на Русија.
„Дури и со огромната воена поддршка на НАТО и сојузниците, тие (Украинците) не успеаја да ја поместат првата линија на фронтот и тоа само укажува на фактот дека никогаш не смееме да ја потцениме Русија. Нивната (руска) наменска индустрија е на воена нога, тие се способни да ги снабдат своите сили со муниција и нови оружја“, рече Столтенберг.
Цитирајќи неименуван украински функционер, медиумската служба ABC објави дека Украина е многу загрижена поради намалувањето на снабдувањето со муниција од САД, што може да резултира со губење на позицијата на Киев на бојното поле.
Во извештајот се вели дека испораките на САД со гранати според НАТО стандардите за Украина се намалени за повеќе од 30 отсто од ескалацијата на конфликтот во Појасот Газа на почетокот на минатиот месец, бидејќи американските испораки првично наменети за Киев беа пренасочени кон Израел.
Западните земји ја зголемија својата воена и финансиска поддршка за Украина по почетокот на руската специјална воена операција во таа земја, додека на Русија и воведоа неколку рунди санкции.