Стејт департментот денес, во координација со Одделот за финансии, најави дека воведува санкции за лица и 12 субјекти во Западен Балкан, меѓу кои и во Северна Македонија, заради корупција, незаконски активности и руско влијание во регионот. Санкционирани во Македонија се Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко, Ратка Камчева, како и „Бет Сити Интернешнл“, „Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ“, „Орка Фајненс Скопје ДООЕЛ“, „Орка Холдинг АД“ и „Систина Лајф Кеар Сентар“, објави Гласот на Америка.
Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко, Ратка Камчева се санкционирани за материјално помагање, спонзорирање или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка или стоки или услуги, или за поддршка на Јордан Камчев, лице, чиј имот и интереси во имот се блокирани согласно Е.О. 14033.
Сергеј Самсоненко е двоен државјанин на Русија и Северна Македонија. Тој е богат бизнисмен кој живее во Северна Македонија.
„Помеѓу 2017 и 2018 година, Самсоненко и неговата сопруга, Ирина Самсоненко, исто така двојна државјанка на Русија и Северна Македонија, купиле земја од Јордан Камчев (САД го назначиле Камчев на 19 јули 2023 година во согласност со E.O. 14033 за одговорен за или соучесник во, или директно или индиректно ангажиран во, корупција поврзана со Западен Балкан). Оваа набавка на крајот го поттикна Самсоненко да сведочи пред судот во Северна Македонија за време на судскиот процес „Парцели на Водоно“ во кој и Камчев и неговата мајка Ратка Куноска Камчева беа обвинети за перење пари“, се вели во соопштението од Одделот за финансии.
Во него се додава дека „во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот рок, Ирина префрлила пари на Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ, и Орка Фајненс Скопје ДООЕЛ, двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски рок, парите што им беа префрлени на Камчев Консалтинг и Орка Фајненс беа искористени за плаќање на заем поврзан со Орка Холдинг АД, компанија поврзана со Јордан Камчев.
„Дополнително, Самсоненко и Ирина ја купија фирмата Систина Лајф Кеар Сентар Скопје ДООЕЛ, друг субјект вмешан во судскиот процес „Парцели на Водоно“, од Камчев и Камчева. Конечно, Бет Сити Интернешнел ДОО Скопје (Бет Сити), спортска обложувалница, половина е во сопственост на Самсоненко, а половина сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е Јордан Камчев“.
Систина Лајф Кеар Сентар се означува согласно Е.О. 14033 за тоа што е во сопственост или контролирана од, или дејствувала или наводно дејствувала за или во име, директно или индиректно, Ирина, лице чиј имот и интереси во имотот се блокирани во согласност со Е.О. 14033, се вели во соопштението од Одделот за финансии.
„Бет Сити е назначен во согласност со Е.О. 14033 затоа што се во сопственост или контролирани директно или индиректно од Самсоненко и Камчев, лица чиј имот и интереси се блокирани согласно Е.О. 14033“.
Орка Холдинг АД е конгломерат поврзан со Камчев кој работи во широк спектар на индустрии.
„„Орка Фајненс“ и „Камчев Консалтинг“ се компании за консултантски услуги и деловни услуги во рамките на мрежата „Камчев“ и се во сопственост на Камчева. Орка Холдинг се назначува согласно Е.О. 14033 затоа што дејствувала или наводно дејствувала за или во име на Камчев, лице чиј имот и интереси во имот се блокирани согласно Е.О. 14033“, пишува во соопштението.
„Руското влијание на Западен Балкан е длабоко испреплетено со корупција и екстремистичка политичка реторика, кои се закануваат на владеењето на правото, стабилноста и суверенитетот на регионот“, соопшти Стејт департментот.