Ве информираме дека согласно одлуката донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија, организиран е авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Северна Македонија. Во услови на целосно откажани летови и блокиран авио транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош. Авионскиот превоз кој ќе биде организиран во текот на утрешниот ден, ќе биде бесплатен за граѓаните кои побарале помош, и ќе биде покриен од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија.
Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.
Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија. Амбасадата и Министерството за надворешни работи остануваат отворени за сите прашања врзани со оваа проблематика.