Лукашенко го раскажа разговорот со Путин и Пригожин: Пцуевме 30 минути

Од:

Александар Лукашенко, првиот човек на Белорусија, тврди дека го убедил Путин да не ја уништува групата Вагнер и Евгениј Пригожин. Тој вели дека доколку не интервенирал, ќе имало конфликт во кој Пригожин ќе бил неутрализиран. Лукашенко вчера опиша каква била неговата улога во преговорите што доведоа до крај на еднодневниот бунт на Пригожин и неговиот марш кон Москва. Тој додаде дека Пригожин во моментов е во Белорусија, како што е договорено.

„Најопасната работа, колку што јас разбирам, не е каква била ситуацијата, туку како би можела да се развие и какви ќе бидат последиците“, рече Лукашенко, пренесуваат белоруските државни медиуми. „Исто така, разбрав дека е донесена сурова одлука – да се уништи. Му предложив на Путин да не брза. „Ајде да разговараме со Пригожин, со неговите команданти“.

„Слушај, Алекс, џабе е. Тој нема ни да се јавува на телефон, не сака повеќе да зборува“, раскажува Лукашенко што наводно му рекол Путин.

Но, Лукашенко рече дека успеал да стигне до началникот Вагнер и, според неговото сведочење, го предупредил дека ќе биде „згмечен како инсект“ доколку трупите на Вагнер продолжат да напредуваат кон руската престолнина. „Разговаравме 30 минути пцуејќи. Имаше 10 пати повеќе пцовки (подоцна ги анализирав) отколку нормалниот речник“, додаде Лукашенко, опишувајќи ја својата интеракција со Пригожин.

„Се разбира, тој однапред се извини и почна да ми кажува сè користејќи ги тие груби зборови“, додал Лукашенко, пренесува Си-Ен-Ен.

Кремљ смета дека Лукашенко помогнал да се деескалира ситуацијата, иако Путин и Пригожин не ја потврдија изјавата на белорускиот лидер за настаните во саботата. Лукашенко во вторникот рече дека Пригожин ги добил неговите лични гаранции за безбедност, како и безбедноста на неговите луѓе, со цел да го задуши бунтот во саботата вечерта.

„Во пет часот навечер ми се јави и ми рече: „Ги прифаќам сите ваши услови. Но… Што да правам? Ако престанеме – ќе не уништат“. Јас велам: „Нема. Ви гарантирам“, се сеќава Лукашенко.