Државниот пазарен инспекторат во контроли кај увозниците на овошје и зеленчук

Од:

Акција за контрола на увозници на овошје и зеленчук спроведува од изутрина низ цела држава Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во координација со Управата за финансисика полиција и Управата за јавни приходи. Се контролираат производите по одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.

-Со акцијата се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, влезено е и на Кванташки пазар, а се вршат надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, потврди директорт на ДПИ Горан Трајковски.

Трајковски најави дека акцијата ќе трае во текот на денов, но оти сумирани информации за исходот ќе бидат објавени в понеделник од кога, како што посочува, ќе продолжат да се вршат постојано контроли исто како и во изминатиот период.

Министерот за економија Крешник Бектеши, вчера најави дека на седница на Владата во вторник ќе бидат ревидирани дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленукот порачувајќи дека ќе продолжат контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци.

-Царинската управа, УЈП, ДПИ, Управата за финансиска полиција во континуитет ќе вршат контроли со цел да не се направи штета на Буџетот, а со тоа да се направи штета на потрошувачите во нашата држава, рече Бектеши и најави дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.

Затајување данок над 10 илјади евра, укажа министерот, е кривично дело и очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности.

Одлуката за замрзнување на цените на 11 видови овошје и зеленчук е во сила од 5 април, а треба да трае до 30 април.

Според Бектеши, со одлуката за ревидирање на цените ниту еден од производите ќе нема повисока цена од 100 денари за килограм.

-Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, изјави Бектеши.

Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.