Девојче во Турција е спасено по 20 часа во урнатините, прво што прашало е „Каде е мајка ми“?

Од:

Најмалку 4.660 луѓе загинаа во Сирија и Турција во разорните земјотреси, според последните информации од тамошните власти. Јунус Сезер, шеф на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), рече дека бројот на загинати во Турција се искачи на 3.381, додека 15.834 се повредени.

Во Сирија, според податоците на Министерството за здравство и спасувачката организација Бели шлемови до вчера вечер, животот го загубиле најмалку 1.444 лица. Според владата во Дамаск и спасувачите во северозападниот регион под контрола на бунтовниците, повредени се околу 3.500.

Конечните размери на катастрофата во пограничната област останаа нејасни, а голем број луѓе исчезнаа под урнатините. Светската здравствена организација стравува дека бројките ќе бидат осум пати поголеми од првичните.

Во текот на ноќта, спасувачите продолжија да бараат преживеани, на студ, дожд или снег, понекогаш со голи раце, за да го спасат секој можен живот, како седумгодишното девојче кое во правливи пижами излезе од урнатините во Хатај на границата со Сирија, по повеќе од 20 часа минати под урнатините.

„Каде е мајка ми?“ му рекла на спасувачот кој ја зел во раце.

Лошото време го отежнува спасувањето и ја прави уште поогорчена судбината на преживеаните кои треперат во шатори или импровизирани засолништа. Големиот пад на температурата ги изложува повредените и заглавените во урнатините на дополнителен ризик од хипотермија.

Според проценките, во Турција се урнале до пет илјади згради, вклучувајќи ја и болницата во Искендерун. Во земјотресите беа урнати цели станбени блокови. Турција официјално побара помош од сојузниците на НАТО за справување со последиците од земјотресот, од кои најсилниот беше со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што се случи вчера во 2:17 часот по средноевропско време.

Според турскиот претседател, 45 земји понудиле помош. Покрај уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени, вчера во југоисточна Турција се регистрирани дури 185 последователни потреси. Неколку земјотреси беа забележани во вторникот вечерта.