Главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, е затворен пет дена поради неодредено респираторно заболување, јавуваат јужнокорејските медиуми.
Во соопштението на севернокорејската влада не се споменува Ковид-19, но се вели дека жителите на Пјонгјанг мораат да останат во затворени простории до крајот на неделата и да се подложуваат на температурни проверки неколку пати на ден.
Според истиот извор, населението прави залихи бидејќи се очекува да се воведат построги мерки. Засега не се знае дали ќе има или веќе се воведени слични ограничувања за движење на населението во другите делови на Северна Кореја.
Северна Кореја го пријави своето прво појавување на Ковид-19 минатата година, но до август прогласи победа над вирусот. Сепак, таа никогаш не потврди колку луѓе се заразени со коронавирус.
Државната новинска агенција KCNA во вторникот објави дека градот Каесонг, кој се наоѓа во близина на границата со Јужна Кореја, ја засилил кампањата за јавна комуникација „за сите вработени доброволно да се придржуваат до прописите против епидемијата во работата и животот“.