Британскиот парламент е полн со супер-глувци

Од:

Британскиот парламент е полн со таканаречени супер-глувци кои избегнуваат стапици и се имуни на мамки, покажа официјалната истрага.

Секоја година се трошат десетици илјади евра во обид на властите да се справат со проблемот со глодарите во Вестминстер, но тие сè уште опстојуваат, објави „Дејли мејл“.

Парламентарните власти побараа внатрешна истрага за проблемот и беше откриено дека глувците што шетаат по долниот и горниот дом на парламентот потешко се истребуваат од обичните глодари.

Прегледот на стратегијата за контрола на глодари, објавен според Законот за слобода на информации, откри дека има околу 600 мамки во кујните и угостителските објекти во Вестминстер.

Сепак, изгледа дека глувците се отпорни на неколку отрови, што беше потврдено откако парламентарните власти побараа од Универзитетот во Ридинг да ја испита ДНК од опашките на глувците.