Ќе се бараат пропусти бидејќи Мијалков не е донесен на судењето за „Титаник 2“, најавена контрола на струшкиот затвор

Од:

Од Управата за извршување санкции ќе влезат во контрола на затворот во Струга, каде затворска казна треба да издржува Сашо Мијалков за предметот „Империја“. Нему му се суди и во предметот „Титаник 2“, а денеска не беше спроведен во судница во скопскиот Кривичен суд. Ова е иницијалната каписла поради која, Управата за извршување санкции ќе проверува дали има пропусти во спроводот.

„За постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ,,Титаник 2” ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба .Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана“, вели Управата за извршување санкции.

„А1он“ побара но не доби одговор, дали ако се провери видео надзорот на затворот во Струга, за изминатите денови, вклучително и вчера, ќе може да се утврди присуството на Мијалков во установата. Прашавме и дали синоќа Мијалков бил во затворот, каде според куќниот ред треба да преноќува. На овие прашања, до објавата, не добивме одговор.

За спроводот, „А1он“ веќе објави дека Мијалков не бил донесен во Кривичниот суд, бидејќи судијата Огнен Ставрев го згрешил датумот на рочиштето. Ова го тврди директротот на струшкиот затвор. Од Кривичниот суд пак се децидни дека наредбата била издадена за денешната расправа.