Разрешениот државен правобранител Фехми Стафа повторно влегува во трката за истата функција, дознава „А1он“. Тој беше сменет од функцијата на крајот од август, а и вмешан во два скандали. Предмети за Стафа се водеа и во Финансиската полиција. „А1он“ потврда побара и од Владата. Оттаму наместо одговор, испратија објаснување кој може да аплицира на огласот. Апликантите за правобранител, ги чуваат во најстрога тајност. Не откриваат ниту број на лица кои сакаат да ја добијат функцијата.
„Со цел да не се влијае на текот на постапката и да не се влијае на изборот со што некој од кандидатите би се довел во поповолна или во понеповолна положба, во овој момент не може да се објават имињата на кандидатите кои аплицирале на огласот“, велат од Владата за „А1он“.
Став побаравме и од Стафа, кого го прашавме зошто се решил да аплицира на огласот, ако се има во предвид дека беше разрешен од Владата. Тој не одговори. Истовремено, додека Владата водеше постапка за да го симне од функцијата, тој поднесе и оставка поради како што наведе, лични причини. И на ова, разрешениот правобранител кој сака повторно да седне да истата фотелја – не даде коментар.
Стафа додека раководеше со Државното правобранителство беше актуелен во јавноста по скандали, но и по кривични пријави кои ги доби Финансиската полиција против него. Пријави имаше и против неговата сопруга.
На почетокот од годинава, беше обзнането дека од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, имало низа исплати кон ТВ презентерката Ејупи, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруари годинава. Од ДКСК посочија дека Ејупи добивала пари за непостоечки работни позиции.
Истовремено, во јавност беше актуелен и скандалот каде државата не можеше да ја наплати штетата од 17 милиони евра од пресудата за судскиот предмет „Труст“ односно од бизнисменот Сеад Кочан. Тогаш, овозможено било за време на стечајната постапка на фирмата на Кочан, имотот да биде отуѓен, а со тоа државата да остане со празни раце.
Обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, во писмена изјава посочија дека нивната надлежност завршува со правосилноста на пресудата, а во стечајната постапка која се одвива во меѓувреме, доверител е државата која треба да го конфискува имотот и нејзин правен застапник е Државното правобранителство.