Централната изборна комисија на БиХ одлучи: Нема поништување на изборите

Од:

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина вечерва ја одржа 68-та итна седница. На седницата беа разгледани повеќе барања за пребројување на гласовите, како и поништување на општите избори во Босна и Херцеговина.

На седницата со која претседава Суад Арнаутовиќ, членовите на ЦИК расправаа за три точки од дневниот ред.

Првата точка се однесуваше на барањата за пребројување на гласачките ливчиња. Ова барање го упатија неколку партии, меѓу кои и Социјалистичката партија на РС, коалицијата Обединети за слободна Босна и Херцеговина и Движењето за држава. Некои барања се однесуваа само на одредени општини, додека едното вклучуваше пребројување на гласовите за сите нивоа на власт во БиХ.

Но, сите барања беа одбиени.

На седницата се расправаше и за повеќе барања за контролно пребројување на гласачките ливчиња, а овие барања покрај партиите ги испратија и неколку граѓани. Членовите на ЦИК го одбија и ова барања.

На крајот од седницата, членовите на Централната изборна комисија расправаа и за барања поврзани со поништување на изборите, но и тие беа одбиени.

Претседателот на ЦИК Суад Арнаутовиќ на седницата изјави дека пребројувањето на гласовите за претседател на Република Српска се уште не е завршено.

Тој прецизираше дека до денеска до 18 часот биле обработени 1.070 од 2.239 избирачки места.

Денеска беше последниот ден од рокот до кој ЦИК требаше да ги објави резултатите од изборите.

Според прелиминарните резултати, мандатите во Претседателството на БиХ ги добија Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, а во трката за мандати во државниот и ентитетскиот парламент најмногу гласови поединечно добија трите најголеми национални партии Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), Партија за демократска акција (СДА) и Хрватска демократска заедница на Босна и Херцеговина (ХДЗ).