Активности за чистење отпад во национални паркови

Од:

Во рамки на кампањата „Македонија без отпад” овој викнед и следната недела во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и асоцијацијата „Ајде Македонијa“ ќе се спроведат активности за чистење на националните паркови Галичица, Пелистер и Маврово.

– Кампањата има за цел да се развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да се развијат механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници. Во рамки на летната акција на кампањата ќе се спроведат активности за чистење на националните паркови во државата, како природно и културно наследство од исклучителна вредност, стои во соопштението од Министерството за животна средина.

Во НП „Галичица“ и НП „Пелистер“ активнoстите ќе се проведат денеска, а во НП „Маврово“ на 19 август и тоа во период од 10 – 14 часот за сите локации.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, и заменик министерот Стево Темелковски денеска ќе ги посетат децата кои се на еднонеделна рехабилитација на „Пелистер“, а кои воедно ќе бидат вклучени во активностите на кампањата „Македонија без отпад 2013“ – чистење на националните паркови.

На „Пелистер“ ќе се чисти на локациите: Голема Ливада, на пешачките патеки: Копанки – Јоргов Камен – Црвени Стени, потоа Антена – Ловечка куќа и Нижеполе – Дебел Рид до Големо Езеро, како и на локациите Копанки – хотел Молика и Копанки – Палиснопје – Информативен центар.

Во НП „Галичица“ е предвидено чистење на локации од Охридската страна на паркот: на излетничките места Коритa и Јадера кај Св.Наум и покрај патот Охрид-Св Наум, а од Ресенската страна, на крајбрежјето на Преспанското Езеро, кај с. Стење каде ќе се отстранува извадената трска од езерото.

Чистењето во НП „Маврово“ ќе се реализира по завршувањето на Еко грин фестивалот најавен за 16 до 18 август и тоа на локации: фудбалски терени во с. Маврово, ски-патеки, крајбрежје на Мавровско Езеро до црквата во вода.

Во акцијата активно се вклучени управите на трите национални парка, општините Охрид, Ресен, Битола и Маврово и Ростуше, јавните комунални претпријатија, локалните здруженија на граѓани, туристичките и угостителски работници, планинари и алпинисти, Црвениот крст на Македонија, извидниците, колективните управувачи со отпад од пакување: ПАКОМАК и Еко клуб и др.