Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државата

Од:

Со велосипедски дефилеа во повеќе градови во државава, во кои учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето, денеска во нашата држава беше одбележан 22 Септември – меѓународниот Ден без автомобили и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ). Оваа година кампањата се спроведуваше под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“ и е со цел да се промовираат алтернативните, одржливите и заедничките форми на транспорт како начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација.

Во велосипедските паради по градските улици и булевари во Велес, Прилеп, Скопје, Струмица, Битола и Берово се приклучија и повеќе граѓани, кои со своето присуство покажаа дека користењето на велосипеди и пешачењето стануваат сѐ поприфатени како поздрави и поекономични начини на движење низ урбаните средини.

Европската недела на мобилност се одржа од 16-22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор, при што годинава и покрај сериозните потешкотии и ограничувања што ги наметна состојбата со КОВИД-19, во одбележувањето официјално се вклучија 7 градови низ државава, и тоа Велес, Скопје, Берово, Прилеп, Битола, Кочани и Струмица, се разбира во согласност со епидемиолошката ситуација на локално ниво и со почитување на важечките здравствени протоколи.

Како информација, оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 3042 градови од 53 држави од Европа и светот.