СДСМ соопшти уште 16 кандидати за градоначалници на локалните избори од кои 12 се нови имиња. Од сите градоначалници кои не добија можност за втор мандат, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, го издвои актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев за кого објасни дека ќе добие нова, висока државна позиција, а како кандидат на СДСМ за градоначалник на Карпош го претстави актуелниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.
„Богац ќе биде носител на висока позиција во институциите на Владата. Дозволете претседателот да соопшти на која“, рече секретарот Николовски.
Во СДСМ одлучиле да не го поддржат сегашниот градоначалник Златко Марин како кандидат за втор мандат иако во партиските анкети тој беше високо на листата. Кандидат за градоначалник во Аеродром е Александар Филиповски, поранешен пратеник, дипломиран економист, менаџер на повеќе компании во Галичник и во Скопје, Аеродром.
Во Прилеп кандидат на СДСМ ќе биде Горан Сугарески, кој досега Николовски рече дека се докажал како пратеник, министер и директор, а имал најголема доверба и во партијата и кај граѓаните.
Во Свети Николе СДСМ му даде поддршка на актуелниот градоначалник Сашо Велковски, магистер по економски науки.
Во Тетово поддршка доби Хемди Алезовиќ, стоматолог, за кого Николовски вели дека е познат како успешен во својата област и убеден е дека ги има симпатиите и авторитетот кај сите етнички заедници во Тетово.
Правникот Сашо Стојановски кандидат за градоначалник во Сопиште. Во Јегуновце актуелниот градоначалник, Дарко Блажевски е кандидат за уште еден мандат, а во Кавадарци партијата одлучи да го поддржи инженерот Горан Тодоров.
Кандидатот за Кратово, Николовски го претстави како еден од најмладите. Партиската поддршка ја добил Влатко Бојковски, инженер по информатика која сам најавил кандидатура, а партијата одлучила да го поддржи.
Можност за нов мандат доби и актуелниот градоначалник на Чешиново – Облешево, Горан Крстев.
Кандидат во Зрновци од СДСМ ќе биде машинскиот инженер Виктор Ангелов, во Илинден бизнисменот Александар Тодоровски, а во Демир Хисар Стефче Митревски, сегашен инспектор во Инспекторатот за земјоделство.
Нов кандидат СДСМ има и во Ново Село, социјалниот работник со Филозофски факултет, Ѕвоно Ангелов.
Ненад Коциќ, актуелен пратеник, е кандидат за градоначалник на Велес со кого Николовски вели дека лично тој ја гарантира победата.
Лекарот Мирко Стојановски е кандидат за градоначалник на Брвеница со кој Николовски ја заврши новата листа од 16 кандидати за градоначалници и нагласи дека младите и успешни кандидати биле во фокусот при изборот.
„Сакам да искажам благодарност до досегашните градоначалници кои даваа сервис на граѓаните. Ова не значи откажување од никого. Внесуваме нова свежина и енергија и во тој правец се одлуките“, рече секретарот Николовски.
Тој нагласи дека посебно внимаваат на листите за советници да има повеќе носителки, оти СДСМ била партија двигател на промените и ги повика сите кои не се од СДСМ, а сакаат, да поднесат апликација за членови и членки на советите во општините оти денес истекува рокот.
Николовски рече дека во некои општини треба да се повторат анкетите, а Центар и Куманово, општини за кои се уште не се истакнати кандидати, Николовски ги издвои како општини во кои СДСМ победува со кој било од кандидатите.