Пет хеликоптери го гасат пожарот кај Пехчево

Од:

Пет хеликоптери веќе го гаснат пожарот во пехчевско. Тие полетаа откако претходно рано утрово беше направено извидување на теренот со еден армиски хеликоптер.

Огнената стихија сеуште ги става во опасност мештаните од селата Умлена и Робово кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина.

Александар Мачевски, жител на Робово, утрово информира дека најкритична сеуште е ситуацијата кај Умлена каде во текот на ноќта пожарот се гаснеше интензивно и посочува дека тој е се поблизу.

Во гаснењето од вчера се вклучи и тимот од 25 пожарникари од Бугарија. Комесарот на единицата од Благоевград, Георги Пармаков информираше дека веднаш по пристигнувањето им биле доделени задачи и дејствувале на поголем простор во Пехчевско до доцна во ноќта, а продолжуваат да пружаат помош и од утрово.

Од полицијата информираа дека по стабилизирањето на ситуацијата е пуштен за сообраќај и патот Делчево – Пехчево – Берово, кој синоќа поради алармантната состојба беше пренасочуван преку алтернативни патни правци.

-Патот е пуштен за сообраќај и возилата кои се движат на овој патен правец не се задржувани. Од она што можеме да го кажеме засега ситуацијата е помирна, велат од полицијата.

Последните информации околу вториот пожар кај маалото Пасјак, во делчевското село Нов Истевник говорат дека истиот е под контрола. Во гаснењето на пожарот синоќа кај Пасјак беа ангажирани 2 возила и 40 луѓе кои дежураа цо текот на ноќта.