Обвинение за Камчеви и Мијалков за „Плацеви на Водно“, се бара конфискување на имот од Груевски

Од:

Обвинителството бара експремиерот Никола Груевски, заедно со неговиот кум Ристо Новачевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ, да одговараат за случајот „Плацови на Водно“ и поднесе обвинителен акт. Според Обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Во сето ова, тој не бил сам. Сите се гонат за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а Мијалков за помагање при извршување на кривичното дело.

„Надлежниот обвинител со обвинителниот акт на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите од 57м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600,00 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари“, велат од Обвинителството.

Груевски стана првоосомничен за кривичното дело перење пари, а според Обвинителството, во тоа му помогнале Сашо Мијалков и неговиот кум Ристо Новачевски. Осомничени се и Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ кои, според Обвинителството, се обиделе да ја прикријат сопственоста на купените парцели на Водно.

„Воедно, обвинетиот Н.Г. како  службено лице спротивно на законската должност  од чл. 33 ст. 2  од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил  по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р.Н. Па така, во графата “Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари“, додаваат од Обвинителството.

Според Обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на фирмата која го купила земјиштето, а е во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро сметката да му бидат дадени на располагање.

Новачевски, според Обвинителството, во својство на управител на „Сирах“ извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на вредното земјиште со вкупна површина од 11 илјади квадратни метри. Тој понатаму ја пренесува сопственоста на друго правно лице, во случајов на фирмите поврзани со Камчеви, кои понатаму ја преименуваат фирмата за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.

Од шестмината осомничени, мерка притвор минатата година доби само кумот од првиот брак на Груевски, Новачевски. Пред скоро два месеци, противор доби и бизнисменот Јордан Камчев, поради сознанија дека може да се даде во бегство.