Пет години ниту еден матичен лекар не се пријавил на огласите за Поликлиниката во Шуто Оризари

Од:

Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години ( 2015-2020) има распишано шест огласи за издавање ординации по општа медицина за матични лекар и дека на ниту еден оглас досега се нема пријавено лекар за работа.

-Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното наддавање ќе биде на 7 април. Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи – ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина, наведува Министерството за здравство.

Во моментов во Поликлиника Шуто Оризари има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба.