Совет на Европа за малцинствата во Македонија: Напредок но и загрижувачки појави

Од:

Комитетот на министрите на Советот на Европа на состанокот одржан во Стразбур донесе резолуција во која се истакнува дека македонските власти имаат отворен пристап во комуникацијата со претставниците на националните малцинства, но и состојби кои загрижуваат.

Советот истакнува дека по ратификацијата на Рамковната конвенција во 1997 година, земјава продолжила со напорите за заштита на националните малцинства и покажала приврзаност кон спроведувањето на дело на овај меѓународен документ. Се констатира дека законите со кои се спроведува Охридскиот рамковен договор во целина се усвоени. Нагласено е усвојувањето на Законот за користењето на јазиците во 2008, со кој е појаснет статусот на албанскиот јазик и неговото користење во Парламентот, министерствата, административните и судските постапки.

Се посочува дека биле усвоени и мерки за подобрување на законските рамки за борба и спречување на дискриминацијата. Во овој контекст е поздравена и работата на Народниот правобранител, кој игра активна улога во заштитата на човековите права и добива бројни жалби од членови на различните етнички заедници во кои се зборува за дискриминација по етничка основа и посебно за правичната застапеност на етничките заедници во јавната андминистрација и јавните институции, како и интензивирањето на напорите на властите за борба против дискриминацијата и интеграцијата на Ромите во општетството.

Во резолуцијата се констатира дека лицата кои им припаѓаат на националните малцинства продолжуваат да играат активна улога во политичкиот живот на Република Македонија. Така, се додава, две големи политички партии на Албанците се застапени во Парламентот, една е и во Владата, исто како и на другите национални малцинства меѓу кои и Ромите.

Во Резолуцијата е посочен како позитивен елемент и развиениот систем на настава и образование на малцинските јазици во Република Македонија.

Но Советот забележува и дека во односите меѓу етничките заедници во Македонија е поларизираноста на поделбите по етнички линии, бидејќи главните национални заедници водат живот без некои позначајни односи меѓу нив. Тој паралелен соживот, како што се наведува, посебно се манифестира во образовниот систем, медиумите, политичките партии и географската распределеност. Оттука оценката на КМ на СЕ дека меѓуетничките тензии во Македонија се предизвикани од недостигот на дијалог, клишеата и предрасудите.

Во елементите што загрижуваат се посочува „дискриминацијата на Ромите, од кои 70 насто се невработени и нивните тешки животни услови, иако се прават напори за вклучување на ромската заедница во општетсвото. Потоа, недоволната застапеност на малцинствата во јавната администрација, а тие кои биле вработени за да ја достигнат потребната квота на правична застапеност, немаат опис на работното место, ниту јасно утврдени работни места. Некои дури ја добиваат целата плата, без да се појават на работните места“.

Забелешки има за однесувањето на полицијата кон малцинските заедници, посебно кон Ромите, како и малите средства кои се издвојуваат за заштита на културата на Власите и Србите, со што сериозно се компромитира зачувувањето на нивната култура и јазик.

КМ на СЕ во Резолуцијата има и препораки за подобрување на ситуацијата на малцинствата во Македонија. Од македонските власти се бара да усвојат ургентни мерки за борбата против невработеноста, станбеното прашање и здраствената заштита на Ромите, како и ефективно спроведување на законите од Рамковниот договор и создавање на меѓуетнички дијалог во сите области на животот, со посебно вклучување на децата и младите со што ќе му се застане на патот на предрасудите.