Албанска заедница на општини во Македонија?

Од:

Албанците во западна Македонија во наредните година дена ќе ја основаат својата заедница на општини, оцени приштинскиот аналитичар Илјир Деда.

На собирот „Србија и ЕУ- Нова можност“, Деда се осврна на ситуацијата во Македонија, укажувајќи дека таа стагнира, бидејќи како што наведе премиерот не сака да ја води државата во НАТО, а Албанците од западниот дел на Македонија тоа го сакаат.

Запрашан дали моделот на заедницата на српските општини на Косово може да се примени на југот на Србија, во општини во кои што Албанците се мнозинство, Деда изјави дека не верува дека тоа е можно.

Приштинскиот аналитичар наведе дека договорот помеѓу Белград и Приштина за нормализација е лош, бидејќи остава многу недоречености и создава опасност еден дел од Србите поради него да ги напуштат домовите на Косово.

-Кој ќе биде одговорен доколку во септември третина од Србите го напуштат Косово-изјави тој и додаде дека заминувањето на тие луѓе би покажало дека не се работи за нормализација на односите помеѓу двете држави.

Деда нагласи дека на Косово мора да се реши судбината на 1.754 исчезнати во воените судири.

Тој е извршен директор на Косовскиот институт за политички истражувања и развој.

Елена Георгиевска