ЕУ од петок воведува санкции за Лукашенко и 14 белоруски претставници

Од:

Европската унија ќе му воведе санкции на белорускиот претседател Александар Лукашенко и други 14 официјални лица заради репресијата врз демонстрантите по оспорените претседателски избори во земјата, изјавија дипломатски извори за ДПА.

Рестриктивните мерки треба да се имплементираат од петок, до кога 27-те земји на ЕУ ќе ја завршат целата постапка, наведуваат изворите. Претставниците на земјите-членки на овој чекор се согласија денеска.

Белорускиот лидер првично беше поштеден од вклучување во ЕУ санкциите за замрзнување на имотот и забрани за патувања што минатиот месец им беа воведени на 40 лица, како одговор на жестоките акции против демонстрантите.

Во Минск и другите поголеми градови речиси секој викенд во изминатите три месеци имаше масовни протести против Лукашенко, што почнаа по претседателските избори за кои демонстрантите тврдат дека беа наместени, објаснува ДПА.

ЕУ ги осуди изборите на 9 август како „ниту слободни, ниту фер“ и одби да го признае Лукашенко за претседател.

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во октомври се согласија да го додадат Лукашенко на црната листа на Унијата, доколку не се забележи подобрување на ситуацијата во Белорусија.