Како дел од информативната кампања „ЕУ одблизу“, евроамбасадорот Аиво Орав денеска ќе го посети струмичкото село Муртино. Патувачкиот автобус на ЕУ во рамки на кампањата, која завршува на 30 мај, ќе посети десет села во Македонија.
На 15 мај амбасадорот Аиво Орав ќе го посети скопското село Кучевиште, а на 30 мај, како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Македонија, заедно со министерот за надворешни работи Никола Поповски ќе го посетат и Вевчани.
Заменикот претседател на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими ќе го посети селото Доброште (Теарце) заедно со холандската амбасадорка Мариет Шруман.
Предвидена е и посета на Зелениково, Ваташа, Форино, Зајас, Миравци и Буково, кои ќе бидат посетени од амбасадорите на Бугарија, Обединетото Кралство и Унгарија.
Жителите на селата ќе имаат можност да постават прашања поврзани со ЕУ, процесот на пристапување кон ЕУ, можностите за финансирање во рамки на ИПА програмата и останатите програми за финансиска помош на ЕУ, преку директна комуникација со членовите на тимот на ЕУ автобусот.
Целта на оваа информативна кампања, организирана од Делегацијата на Европската Унија, е да воспостави директна комуникација со населението од руралните средини и да понуди информации поврзани со Европската унија.