Савески: Работниците да не го преспијат 1 Мај!

Од:

„Синдикатите мора да ја имаат во раце заканата дека ќе штрајкуваат. Не се откажувајте од протестот, сами си ја сечете гранката на која седите“ – апелира Здравко Савески од Левичарското движење „Солидарност“ и ги повика сите работници да излезат на протест на 1 Мај и да го кренат гласот против кршењето на работничките права.

Тој посочи дека претседателот на ССМ Живко Митревски потенцира дека социјалниот дијалог дава добри резултати и ги презентира само позитивните промени кои се донесуваат, но не и негативните кои се побројни. Според него, Митревски или намерно ги лаже работниците или не ги знае основните правила на синдикално организирање.

– Ако работниците се откажат од протести, како тие ќе ги условат работодавците и владата нивните права да ги усвојат? Преговарачката моќ на синдикатот е во директна завсисност од протестната моќ на синдикатот. Ако еден синдикат не може да извади на улица луѓе да штрајкуваат, тогаш неговата позиција во преговарањето ослабнува – изјави Савески.

Савески потенцира дека во рок од 3 години Законот за работни односи претрпел 8 измени, од кои 103 членови се променети. Според ССМ, како што вели тој, најголема позитивна измена што е донесена во период од 2010-2013 година е Законот за минимална плата. Меѓутоа, Савески ја негираше позитивноста која ја носи оваа промена, велејќи дека Македонија е последна земја од регионот која донесе ваков закон. Притоа, додаде дека во најкритичните индустрии како текстилната и кожарската индустрија не постои минимална плата. За минатата година е прифатена најниска плата од 6200 денари, а за годинава 6800.

За негативностите кои ги носи Законот за работни односи од аспект на користење годишен одмор, Савески посочи дека постојат 2 измени на законите. Во 2008 година, годишниот одмор е намален од 26 на 20 дена.

– Денес може да имате 26 дена одмор едниствено ако газдата ви дозволи. Од друга страна, пред 2012 година на работникот му следуваше паричен надомест за неискористениот дел од работниот одмор. Сега, иако не го го искористил одморот, нема да добие надомест – вели Савески.

Апасиев: Синдикатот е бирократски џин, а активистичко џуџе

Критика за синдикалното организирање даде и Димитар Апасиев од Движењето за социјална правда „Ленка“. Тој објасни дека во Македонија постојат два периоди:за време на СФРЈ – кога синдикатот е продолжена рака на партијата и денес синдикатот се восприема како бирократски џин, а активистичко џуџе.

– Во Македонија се формираа неколку синдикални организации, од кои наголема е ССМ со 80.000 членови. Се оди на доброволно членство. ССМ го стекна епитетот на губитник, практично им соопштуваше само лоши вести на работниците и се стекна еден негативен имиџ на синдикализмот. Во Македонија има околу 65.000 регистрирани компании, а само 2000 има синдикални организации на ниво на работодавец – изјави Апасиев.

Тој додаде дека речиси половина милион вработени не се членови на синдикални организации. Од друга страна, синдикатот нема пари и до доаѓа до негова инстуционализација.

Петар Клинчарски