ГДУ: Никој не знае што гради ДУИ на Кичевското кале

Од:

Граѓанско Демократската Унија денес во Кичево го повика градоначалникот од редовите на ДУИ, Фатмир Дехари и неговиот лидер, Али Ахмети да го запрат, како што рекоа, уништувањето на спомен-обележјата на археолошкиот локалитет Китино Кале во градот.

Станува збор за археолошко  наоѓалиште каде има остатоци од населби од  бронзеното  и  железното време , како и од  средниот век и името го добил по кнегињата  Кита, сестрата на  Крале Марко  која живеела во дворец на Калето. На овој локалитетот секоја година се одржува најголемата фестивалска атракција во градот – Кале
Фест, велат од партијата.

„Калето е раскопано. Се работи, се копа, загрозени се спомен обележјата а градоначалникот Фатмир Дехари и неговиот лидер Али Ахмети не кажуваат што точно се работи. Двоецот со години најавуваат дека Китиното Кале ќе стане вистинска атракција во Кичево, но не кажуваат што точно замислиле да прават“, велат од ГДУ – Кичево.

Општината од ИПА-2 фондовите доби пари за реконструкција на парк шумата во центарот на Кичево, „Китино Кале“ и самата требаше да обезбеди уште 10 отсто од износот. За таа цел беше распишан и јавен повик. Според ГДУ, Кичево жителите не знаат ниту колку компании доставија понуди за реконструкција на парк шумата, ниту колава е вредноста на тендерот, кој го доби и што ќе работи.

„Апелираме на транспарентност за целиот проект на Калето. Ги повикуваме Дехари, Ахмети, советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во општината, да излезат пред граѓаните на Кичево и да кажат што се прави на Китиното кале и какви содржини ќе има? За што се потрошени парите од ИПА фондовите, а за што општинските пари? Дехари уште во 2014 година, во првиот мандат најави дека кичевското Кале ќе добие нов лик и најави дека за нови патеки, одморалишта и
зеленило ќе потрошат 80 илјади евра. Нејасно е колку пари сега ќе потроши Општината и кој
ќе ги добие? Зошто се споменуваат повторно нови патеки?“, велат од ГДУ – Кичево.