Владата на својата 73-та седница одлучи дека престанува да важи забраната за одржување спортски натпревари, кои отсега ќе може да се организираат, но без публика. Вo исто време, донесени се и протоколи за работа на музеите, галериите, како и за работа на компании за промотивни настани.
„Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите,“ се вели во владиното соопштение.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 73-та седница донесе измени и дополнувања на Протоколот за редовна работа на уплатно-исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница (трета фаза), измени и дополнувања на Протоколот за работа на угостителските објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување),“ се вели во соопштението.
На оваа своја седница Владата ги донесе и Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Република Северна Македонија.