Според податоците на српската Републичка изборна комисија, заснована на 70,57 проценти од обработените избирачки места, односно 64,07 проценти од обработеното избирачки тело, излезноста на вчерашните изборите во Србија изнесува 50,32 проценти од запишаните гласачи.
Според РИК, на изборите гласале 2.122.773 гласачи. Распределбата на силите во парламентот останува иста како врз основа на вчерашните првични податоци – цензусот го поминаа само три листи: Српската народна партија (СНС) на Александар Вучиќ, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ и СПАС на Александар Шапиќ.
РИК на прес-конференција соопшти дека во избирачкиот список се запишани 4.218.385 избирачи и дека гласале 2.122.773 или 50,32 проценти од запишаните избирачи.
На изборите гласаа и српските државјани на Косово, во Република Српска во БИХ и во дипломатско-конзуларните преставништва низ светот.
Кога станува збор за распоредот на 250 пратенички места во собранието, листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ освои најмногу гласови – 61,59 отсто од гласовите (191 мандат). Следи коалицијата на Социјалистичката партија на Србија и Обединета Србија (СПС-ЈС) со 10,37 отсто освоени гласови (32 места). Цензусот го помина и листата СПАС на градоначалникот на Нови Белград, Александар Шапиќ, која освои 3,64 отсто од гласовите (11 мандати).
Во парламентот влегоа и партиите и листите на националните малцинства, Сојуз на Унгарците во Војводина (10 места), листата на Муамер Зукорлиќ (две места), листата на Сулејман Угљанин ( две места) и коалицијата на албанските партии (два мандати).
Конечните резултати од изборите ќе бидат објавени најдоцна до четврток во 20 часот.