Северна Кореја повторно поставила звучници за емитување на пропагандни говори и пораки долж границата со Јужна Кореја, кои беа отстранети врз основа на договор со Сеул во 2018 година, објавија денеска јужнокорејските воени власти.
По самитот на јужнокорејскиот претседател Мун Jе-Ин и севернокорејскиот лидер Ким -Џонг-Ун пред две години, двете Кореи се согласија да ги прекинат сите непријателски акти и да ги укинат средствата за пропаганда, како што се звучниците и дистрибуцијата на летоци.
Властите во Сеул наведуваат дека откриле оти Северна Кореја повторно поставува звучници на повеќе локации во рамките на демилитаризираната зона на границата на двете земји.
„Ваквите активности беа забележани во повеќе од 10 региони и се одвиваа истовремено,“ рече претставник на Генералштабот на Јужна Кореја.
Министерството за одбрана на Сеул соопшти дека внимателно ги следи движењата на војската на нејзиниот северен сосед и дека е целосно подготвено да одговори веднаш на „разни можности“.
Според новинската агенција Јонхап, Јужна Кореја ја разгледува можноста повторно да постави звучници како одговор на овој потег на Северот.