Младите до 20 години потешко се заразуваат со коронавирус, покажува ново истражување

Од:

Лицата помлади од 20 години се двојно помалку подложни на заразување со коронавирусот во споредба со повозрасните луѓе, а клинички симптоми на болеста Ковд-19 се појавуваат кај една петтина од децата и адолесцентите, покажува ново истражување.

Истражувањето на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина е направено врз основа на податоци земени од 32 места во шест држави – Кина, Италија, Јапонија, Сингапур, Канада и Јужна Кореја, а резултатите од студијата се објавени во списанието „Нејчер медисин“ (Nature Medicine).

Истражувањето покажува дека симптомите на Ковид-19 се појавуваат во 69 отсто од случаите кај лица над 70 години.

Научниците, исто така формулираа симулиран модел на пандемија во 146 главни градови ширум светот и открија дека очекуваниот број на клинички случаи зависи од просечната старосна структура и оти државите со помладо населени има помал товар од пандемијата.

Научниците посочуваат дека резултатите на истражувањето произлегуваат од симулираните модели и оти треба да бидат поткрепени со истражувања во реални ситуации поврзани со пандемијата.