Грција дозволи да се отворат фитнес-центрите, со низа заштитни мерки

Од:

По три месеци пауза поради епидемијата, на фитнес-центрите во Грција од денес повторно им е дозволено да работат, но сопствениците ќе мораат да обезбедат придржување до редица заштитни мерки, јавува МИА.

Во грчките теретани ќе мора да се обезбеди најмалку два метра растојание меѓу справите, но и меѓу лицата кои се дел од групните тренинзи, во фитнес-центрите ќе биде ограничен бројот на посетители, а оние кои ќе вежбаат ќе мораат да се регистраат на влезот.

Сите вработени и клиенти ќе мораат да користат антисептици и задолжително да носат заштитни маски. Дозволениот број на лица е во зависност од големината на фитнес центарот, но не смее да биде над 50 отсто од капацитетот.

Ограничувања има и за соблекувалните – до четири лица на 20 метри квадратни, а за секои десет метри квадратни по едно лице и произволна употреба на маска. Заштитната маска е задолжителна за сите вработени.

Секој посетител на фитнес центрите, треба да го одржува потребното растојание, да има свој пешкир, задолжително да ги дезинфицира рацете пред и по секоја вежба, а со антисептик ќе треба да исчисти и справата пред секоја употребата.