Победи на лидерите во Првата лига

Од:

Екипата на Вардар, која петти меч по ред не успеа да постигне гол, но благодарение на автоголот на Ивановски, црвено-црните успеаја минимално да слават во Прилеп над веќе новиот второлигаш 11 Октомври.

Лидерот на Првата лига славеше над 11 Октомври со ист резултат како и на отварањето на сезоната, минатиот август, но тоа што треба да го загрижи тренерот Илчо Ѓорѓиоски е неверојатната неефикасност на неговите избраници во последниот месец, што не може да го загрози освојувањето на круната, но и тоа како може да биде опасно во квалификациите за Лигата на шампионите.

Денеска во Прилеп, домашниот бранител Ивановски го стори тоа што вардарци не успеаја – да постигнат гол.

Трката за втората позиција на табелата продолжува со несмален интензитет, па денеска на гости победија и Металург и Шкендија и тоа со идентична гол-разлика.

Металург славеше над Работнички со 3:0 на стадионот во Маџари, но задачата им беше многу олеснета со тоа што „романтичарите“ играа со младинскиот тим – тројца фудбалери имаа по 17 години, двајца беа осумнаесетгодишни, а преостанатите беа во просек од 19 до 21 година. Работнички го чуваше првиот тим за финалето од Купот в среда, кога во Штип треба да се сретнат со Ренова, која исто така не победи денеска на домашен терен – ремизираше 2:2 со Брегалница.

Иако Силекс поведе против Шкендија со 1:0, следеше потоп на домаѓините, па тетовци си заминаа со победа од 4:1, додека од другите средби најинтересно беше дербито на дното помеѓу Тетекс и Охрид кое заврши без голови, со што продолжи неизвесноста за тоа кој од нив директно ќе испадне, а кој ќе игра бараж за опстанок.

Резултати:

  • Ренова – Брегалница 2:2
  • 11 Октомври – Вардар 0:1
  • Работнички – Металург 0:3
  • Силекс – Шкендија 1:4
  • Тетекс – Охрид 0:0
  • Турново – Напредок 2:1.
  • Табела: Вардар 68, Металург 58, Шкендија 57, Ренова 42, Брегалница 39, Силекс 39, Работнички 33, Напредок 33, Турново 28, Охрид 25, Тетекс 25, 11 Октомври 13.