Груевски и Ал-Тани ги разгледаа можностите за катарски инвестиции во Македонија

Од:

Натамошно унапредување на билатералните реалиации меѓу Република Македонија и државата Катар со акцент на економските односи и можноста за директни катарски инвестиции во македонското стопанство биле главна тема на денешната средба во Скопје на премиерите на двете земји Никола Груевски и шеикот Хамад бин Џасим бин Џабир Ал-Тани.

– Република Македонија и државата Катар се пријателски земји и оваа наша средба е уште една потврда за успешниот нагорен тренд и развојот на севкупните односи. Тоа претставува продолжување на дијалогот на највисоко политичко ниво, изјави Груевски по средбата.

Според него, биле посочени конкретни области каде има заеднички интерес и можности за катарски инвестиции, како што се енергетиката, туризмот, производство на храна и други во кои тие покажале интерес. Разговарале и околу евентуална можност за воспоставување директна авиолинија Скопје – Доха или алтернативно Скопје да биде место каде ќе се застанува при летањето за некоја европска дестинација.

– На Катарската делегација и беа претставени реформите во економската сфера кои ги спроведува Владата и постигнатите резултати кои нудат опкружување за отворање и развој на доходовен бизнис, како и поволностите што нашата држава ги нуди за потенцијалните странски инвеститори, тргнувајќи од фактот дека Македонија е високо рангирана од страна на најпознатите финансиски меѓународни институции во однос на добрата бизнис клима и условите за правење бизнис, нагласи Груевски.

Средбата додаде ќе придонесе во интензивирањето на контактите и за посилна динамика во постапувањето по конкретни проекти од економската сфера и влегувањето во понапредни фази од разгледувањето на опциите од кои интерес ќе имаат и двете страни.

Отворањето Амбасада на државата Катар во Скопје, Груевски очекува дека ќе даде голем импулс во унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји особено на економски план.

Претставници на двете земји потпишаа меморнадуми за соработка во областа на здравството и меѓу стопанските комори.