Груевски и се заблагодари на Ештон за залагањето за Македонија

Од:

Премиерот Никола Груевски и Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Кетрин Ештон, на денешната средба во Скопје го поздравија Пролетниот извештај за Република Македонија, кој попладнево во Стразбур го презентираше еврокомесарот за проширување Штефан Филе, а кој нотира напредок во реформите во сите области.

На средбата на која се разговараше за реформите кои се спроведуваат во контекст на евроинтеграциите на Република Македонија, констатирано е дека Пристапниот дијалог на високо ниво кој Македонија го води со ЕУ е од големо значење за земјата, покажал резултати и помогнал за имплементација на реформите за достигнување на европските стандарди.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои се спроведуваат во повеќе општествени сфери, и фокусираноста на Владата во модернизацијата на земјата, кои беа констатирани и во декемврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Тој ја истакна посветеноста за негување на добрососедските односи и за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Грција за наметнатиот спор околу името на Република Македонија под покровителство на Обединетите нации.

Премиерот се заблагодари за ангажманот и залагањето на Ештон во поддршката за надминување на предизвиците и прогрес на целиот регион.

– Соговорниците истакнаа дека во реализацијата на европската интеграција на Република Македонија, како и досега ќе продолжи партнерскиот однос и соработката, се наведува во соопштението од Владата.