Близнаковски: На советничката не и се заканував јас туку од ВМРО-ДПМНЕ!

Од:

Како Координаторот на ИЕ3 бев на редовен состанок со ОК на ВМРО НП во Велес на кој што присуствуваше и госпоѓата Рајна Стојанова- избран советник од ВМРО НП во општина Велес. И покрај моето настојување Рајна Стојанова да говори пред сите членови на ОК на ВМРО НАРОДНА ПАРТИЈА во врска со нејзиното преминување во ДПМНЕ, од причина што ја добила довербата од тие луѓе да ги претставува во Советот, таа само истакна дека се соочила со жестоки притисоци и закани од страна на ВМРО ДПМНЕ и затоа го направила тој чекор, меѓутоа за детали не сака да зборува пред целиот ОК и инсистираше на 3-4 пати сите луѓе од ОК да ја напуштат просторијата за да може подетално да ме информира, рече Слободан Близнаковски на прес конференција.

Ова нејзино инсистирање рече, веднаш ми стана сомнително во насока дека е во претходен договор со луѓето од ВМРО ДПМНЕ кои во соработка со полицијата ќе исценираат инцидент на кој би се дал публицитет, но членовите на ОК на ВМРО НП го испочитуваа барањето на Рајна Стојанова и излегоа од просторијата се со цел г-ѓата Рајна слободно да ги опише притисоците вршени од страна на ДПМНЕ кон неа.

Останавме јас, мојот помошник Денис Димовски и г-ѓа Рајна Стојанова. Г-ѓата Стојанова истакна дека е исплашена за иднината на своите деца, бидејќи неколкупати луѓе од ВМРО ДПМНЕ и се заканувале со огнено оружје со цел да премине во ВМРО ДПМНЕ, понатаму г-ѓата Стојанова не запозна со наводниот план на ДПМНЕ за нејзино спектакуларно апсење и подготвена кривична пријава за нејзино учество во наводен организиран криминал. Г-ѓата Стојанова побара од ВМРО НП да биде заштитена со тоа што ќе и биде овозможено место за живеење и вработување на неа и нејзината фамилија надвор од Велес, и дека не верува во институциите на оваа држава. На ова, јас одговорив дека единствена помош која може ВМРО НАРОДНА ПАРТИЈА да и ја овозможи е информирање и запознавање на релевантните меѓународните институции со нејзиниот случај со цел пружање соодветната заштита, додаде тој.

По овој разговор, додаде тој, Рајна Стојанова се согласи да бидат повикани повторно сите членови на ОК да присуствуваат на состанокот и состанокот продолжи уште 30-тина минути , а г-ѓата Стојанова и понатаму присуствуваше и дискутираше на состанокот. 10 минути пред завршувањето на состанокот г-ѓата Рајна доби телефонски повик, и притоа веднаш се извини со зборовите дека мора итно да го напушти состанокот, каде што беше пречекана од нејзиниот сопруг кој се појави на влезната врата и заедно го напуштија просторот на ВМРО НП.

По завршувањето на состанокот со ОК Велес полициските единици беа веќе распоредени пред штабот на ВМРО НАРОДНА ПАРТИЈА и веднаш по моето излегување од штабот бев лишен од слобода без никакво образложение. Мораме да потенцираме, дека за целото времетрање на состанокот сопругот на г-ѓа Рајна инаку член на ОК на ВМРО НП поканетиот одбиваше да присуствува на седницата и чекаше пред штабот, веројатно со задача да ја координира веќе режираната партиско-полициската акција. Зарем е логично, кога сигурноста на Вашата сопруга е загрозена Вие да чекате пред просторијата во која нејзиниот живот е доведен во опасност?

Почитувани граѓани, зарем е логично кога некој е физички и вербално нападнат веднаш да не си замине, туку да остане на седница на ОК безмалку до крај?

Кога нечиј живот е загрозен полицијата има законско овластување да влезе во просторијата каде се случува загрозувањето дури и без налог со цел да го заштити загрозеното лице.

Се поставува логичното прашање зошто полицијата не реагирала и не го спречила загрозувањето на животот и сигурноста на г-ѓата Рајна Стојанова туку чекала пред штабот за да заврши состанокот ?
Чувствуваме потреба да го поставиме прашањето до кога власта ќе ја заплашува македонската јавност со наводно повикување бугарски специјалци, и до кога Р.Бугарија во очите на македонската јавност ќе биде претставувана како симбол на злото?

Сакаме да ставиме јасно до знаење на граѓаните на Р.Македонија дека ова е само уште еден од многуте монтираните партиско-полициски процеси против сите неистомисленици на овој диктаторски режим со цел да се задуши буквално секое критичко размислување и опозициско делување.

ВМРО НАРОДНА ПАРТИЈА и отсега како и досега цврсто ќе ги поднесе сите удари и пресии од страна на режимот и жестоко ќе се спротивстави на истите со една и единствена цел враќање на изгубената демократија во Р.Македонија.