Десетици илјади Македонци минатиот четврток се собраа во главниот град Скопје да му посакаат добредојде на поранешниот припадник на полицијата Јохан Тарчуловски, кој помина осум години во затвор за воени злосторства извршени во текот на конфликтот во 2001-та година предизвикан од албански милитантни групи – пренесе Вашингтон пост.
Јохан Тарчуловски беше пречекан на скопскиот аеродром од страна на конзервативниот премиер Никола Груевски и претставници од владата, а неговото враќање беше пренесувано во живо на неколку телевизии.
39-годишниот Тарчуловски беше осуден од трибуналот во 2008-та година за убиство на тројца албански цивили, и за уништувањето на 12 домови во текот на полициска рација. Беше ослободен од затвор од Германија по отслужување на осум години од 12-годишната казна.
Големи билборди и плакати кои гласат „Добредојде Јохан“, беа поставени низ градот, каде поддржувачите на Тарчуловски се собраа да го дочекаат.
Тарчуловски беше единствениот Македонец осуден од Меѓународниот хашки трибунал, а неговото осудување предизвика револт кај голем дел од Македонците.
Македонија во 1991-та година по мирен пат се одвои од југословенската федерација и се осамостои. Мирот беше нарушен во 2001-та година, кога загинаа околу 200 луѓе. Конфликтот беше решен со Охридскиот рамковен договор.
Четирите петиции на македонската влада испратени до трибуналот во однос на четири случаи во кои Албанци би требало да одговараат за воени злосторства беа одбиени. Истите четири случаи беа подоцна амнестирани и во Македонија.
– Македонците никогаш не го прифатија заклучокот на Европскиот трибунал дека само Македонците се виновни за конфликтот – изјави поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
Албанскиот политички аналитичар Алберт Муслиу изјави дека пречекувањето резултирало со разочарување на албанското малцинство.
– Би имал разбирање неговото враќање да е прославено од неговото семејство, пријателите и другите кои на негова страна учествувале во судирот во 2001-ва година. Но, останува отворено прашањето дали тоа заслужуваше таква голема слава и присуство на претставници од владата. Јас сум разочаран што таква прослава беше одржана за некој осуден за воени злосторства во сопствената земја – изјави тој за Асошиејтед прес.
По пристигнувањето Тарчуловски постави венец на споменикот на бранителите.
– Благодарен сум им на сите оние кои го дадоа својот живот за Македонија. Ви благодарам и вас за поддршката. Ми значеше сè. Да живее Македонија! – им порача тој на присутните.
Тарчуловски беше осуден за напад кој се случи на 12-ти август 2001-та година во селото Љуботен во Северна Македонија, за кое македонската влада рече дека е користено како една од позициите за напад.