Сериозна загреност изрази Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) поради „сериозниот недостаток на анализа за состојбата со пристапот до информациите од јавен карактер во 2012 година во Годишниот извештај за работата на Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 1 јануари до 31 декември 2012 година доставен до Собранието на РМ“.
Фондацијата порачува дека годишниот извештај содржи невистини со кои, по седум години од донесувањето на Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, се прикрива неговата недоволна имплементација.
Фондацијата вели и дека во Годишниот извештај недостасува препорака за надминување на состојбата со огромниот процент на „молчење на администрацијата“ при остварувањето на правото на пристап до информации, кои, всушност, треба да бидат јавно достапни (член 10 од Законот).
Затоа, фондацијата побара од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да донесе Заклучок со кој на Собранието ќе му предложи да не го усвои Годишниот извештај.
„Во Годишниот извештај на независната Комисија за слободен пристап до информациите од јавен карактер недостасува анализа зошто и по седум години од примената на Законот, 76,5% од жалбите упатени до неа се поради „молчење на администрацијата“.
Ако институциите немаат волја за транспарентно и отчетно работење, зошто до сега ниту една од нив не е санкционирана прекршочно?! Посебно што и оваа година предничат државните институции до кои се упатени жалбите, што значи дека тие не обезбедуваат пристап до информациите“, реагира ФОСМ.
Како втора причина за своето барање, Фондацијата наведува дека „Во Годишниот извештај Комисијата нотира дека за неа е „нормално да биде зголемен бројот на жалби“ (стр. 7) во 2012 година, кога се зголемил и бројот на барањата за пристап до информаците, споредено со минатата година кога биле поднесени 409 жалби.
Како е можно и по седум години од примената на Законот за Комисијата да е нормално таа да работи на 1.225 жалби само во 2012 година?! Дополнително загрижувачко е тоа што од нив дури 907 жалби се поради „молчење на администрацијата“.
Сметаме дека само намалувањето на бројот на жалбите за доставените барања за пристап до информациите може да се смета за нормално. Односно, ќе беше нормално да се намалува бројот на барања за пристап до информациите поради самоиницијативното објавување на информациите од страна на институциите.
Како уште една причина зошто е неприфатливо да се прифати извештајот, Фондацијата наведува дека Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ниту еднаш не упатува критика до институциите.
„Комисијата на ниту едно место во Годишниот извештај не забележува и не упатува критика до имателите на информациите кои до неа доставуваат невистини кога ја известуваат за нивната работа по Законот за слободен пристап до информациите. Така на страница 24 во Годишниот извештај Комисијата пренесува дека, според податоците обезбедени од имателите, до нив биле поднесени 4.865 барања, а вложени само 372 жалби! Зарем Комисијата заборава дека на страница 9 информира за дури 907 жалби за молчење, односно вкупно 1.225 жалби во 2012 година?!
Таа, наместо да прави графикони за состојбата за која погрешно ја известуваат имателите на информациите, требала да направи анализа на нивните извештаи и тие што не водат и ажурираат евиденција на барањата да ги едуцира како треба да постапуваат и да упати критика до институците кои ја извртуваат вистината и ја прикриваат нивната нетранспарентност и неотчетност“, реагира Фондацијата.
Во реакциајта се наведува и дека комисијата „игра“ со бројките за да претстави поповолна слика за состојбите и за својата работа.
„Во Годишниот извештај, Комисијата без доза на самокритика дека не успеала доволно да го промовира правото на слободен пристап до информациите за граѓаните нотира дека „Голем дел од граѓаните,… со поднесоци ја известуваат Комисијата дека ја добиле бараната информација…“.
Зошто Комисијата го крие овој „голем“ број на граѓаните? Па таа самата наведува дека само 13% од барањата во 2012 година се поднесени од граѓаните. Ова значи дека одвај 633 граѓани се охрабриле пред институциите и побарале информација“, вели фондацијата.
Се наведува и дека комисијата треба да побара повеќе пари за својата работа.
„На крај, сметаме дека во Годишниот извештај невистинито се прикажани „позитивните резултати“ од работата на Комисијата. Во Годишниот извештај на ниту едно место Комисијата не ја прикажува нејзината (не)ефикасност. Таа како да заборава дека од 567 жалби кои ги поднесе ФООМ поради неостварувањето на пристапот до информациите ниту една не ја реши во законскиот рок од 15 дена. Затоа, Комисијата е должна да направи анализа на сопствената работа и да ги идентификува причините за ненавременото решавање на жалбите.
Доколку причината е недоволниот буџетот или пак застојот во работата е предизвикан од недоволните човечки ресурси (стр. 4), тогаш тоа треба да биде истакнато во рамките на Годишниот извештај. Комисијата, понатаму, треба да бара од Собранието при усвојувањето на буџетот на РМ да интервенира со зголемување на средствата наменети за оваа Комисија“, се вели во реакцијата на ФООМ.