Зоран Дамјановски, кој повторно доби мандат за градоначалник на Куманово, им се заблагодари на гласачите кои му ја дале поддршката во вториот круг на локалните избори, но и на оние што не гласале за него, потенцирајќи дека ќе биде градоначалник за сите граѓани на општината.
Според него, и тој и неговиот противкандидат освоиле гласови од различни опции и дека граѓаните гласале не по иницијатива и на предлог на лидерите на политичките партии, туку по сопствено убедување, вклучувајќи ги и гласовите од албанскиот политички блок.
– Во вториот круг со проивкандидатот стратувавме од нула и се боревме за околу 16.000 гласови кои беа дадени за други учесници во изборите. Сметам дека мојот граѓански концепт и мојата визија за развој на градот придонесе за изборниот резултат. Куманово е мултиетнички град и така мора да се гради. Во изминативе години преземавме напори за да се изгради довербата, да се укинат различностите, а ќе продолжиме со изградба на мултиетничко општество за демократско, напредно и слободно Куманово, рече на прес-конференција Дамјановски.
На најавите дека политичките противници ќе поднесат приговори до Државната изборна комисија, Дамјановски рече дека тоа е нивно право, но дека во записниците немало сериозни прекршувања на избирачкиот процес.
– Ако мислат да ја оспорат победата, влегуваат во крајно лошо сценарио, рече Дамјановски.
Формирањето на идниот Совет ќе зависи од договорите со останатите девет советници, објасни Дамјановски и додаде дека не е можно функционирање на Советот без советниците од алабанскиот политички блок што, според него, е круцијално за задоволување на потребите на сите граѓани.
Меѓу првите проекти што ќе бидат реализирани ги најави индустриската зона во Речица и завршување на базенот.