Најмалку 13.000 мигранти на турско-грчката граница, Мицотакис свика вонреден состанок на Совет за безбедност

Од:

Обединетите нации денеска соопштија дека најмалку 13.000 лица се собрани на границата на Турција со Грција, откако Анкара соопшти дека веќе нема да ги спречува мигрантите да тргнуваат кон Европа.

Во соопштението на Организацијата на ОН за миграција се наведува дека најмалку 13.000 лица се собрани на официјалните гранични премини Пазракуле и Ипсала, пренесуваат американските медиуми.

Стотици мигранти тргнаа во петокот низ северозападна Турција кон границата со Бугарија и Грција.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу синоќа на Твитер објави дека земјата преку Едрене ја напуштиле 36.776 мигранти.

За ситуацијата со бегалците и мигрантите, како на грчко – турската граница кај Еврос, така и на островите во североисточниот дел на Егејското море, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за попладнево свика состанок на владиниот Совет за национална безбедност, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на вчерашниот ден, Мицотакис имаше втор циклус телефонски разговори со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен.

Како што соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, станало збор за „начинот на кој Фронтекс ќе придонесе за заштита на грчките граници, што се и надворешни граници на Европската унија“.