Министерството смирува дека состојбата во „Охис“ е под контрола и нема место за паника

Од:

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека состојбата во „Охис“ е целосно под контрола и дека нема место за паника.

„Излевање на вода при перење на празна цистерна поради пукање на вентил се случило во бетонска када чија функција е безбедносна токму при вакви случаеви. Во моментов излеаната течност е целосно собрана, а кадата е покриена со пилевина за да се соберат евентуалните остатоци од течноста. Пилевината ќе биде собрана во текот на утрешниот ден и соодветно, безбедно отстранета во специјални буриња за таква намена. Надзорот на локацијата ќе продолжи и утре“, стои во соопштението.

Инцидентот во „Охис“ се случи попладнево, а јавноста дозна откако граѓани пријавиле во МВР дека во населбата Пинтија се шири непријатна миризба, а се пожалиле и на главоболки и печење во очите и во грлото. Останува отворено зошто граѓаните, а не лицата кои биле инволвирани, пријавиле во полиција дека во „Охис“ се случува нешто невообичаено.

На лице место пред 15 часот дојдоа противпожарни екипи, инспектори од Министерството за животна средина, полиција, а подоцна пристигнаа и две возила на армијата.

Од инспекторатот изјавија дека при миење цистерна во која требало да се изнесе  ‘метил акрилат мономер’ надвор од државата како опасен отпад, пукнала цевка и на тој начин се излеале oколу шест тони вода со елементи на опасната хемикалија, но не се знае во која количина имало останато токсична материја во водата.

Подготовката за извозот на опасниот отпад ја вршела фирма избрана на тендер, „Еко центар 97“.

„Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната, фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот и затоа се почувствувала непријатна миризба во околината. Со анализи надвор од земјава треба да се утврди дали и колку елементи на метил акрилат мономер имало во водата“, изјави Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор во животната средина.

Лабораторијата на МВР земала проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка. Државен инспектор за животна средина ќе изготви записник за констатирана состојба, а фирмата ќе работи цела ноќ за со цел излеаната течност од кадата да биде преточена во соодветно пакување. Утре ќе биде извршен контролен инспекциски надзор од страна на инспекторатот.

Денеска за првпат јавноста беше запознаена дека  уште од текот на летото е започнат процес на отстранувањето на опасниот отпад од „Охис“, кој требало да биде извезен во Швајцарија.

Течните хемикалии, според министерството, се чувале во посебни буриња и во една вагон цистерна. Бурињата, како што рекоа од министерството, биле соодветно обележани и сместени во магацин додека да се добие дозволата за извоз.

Фирмата „Еко центар 97“ има дозвола да препакува т.н. историски отпад кој го пакува во буриња и го извезува во Швајцарија. Станува збор за отпад во количина од 60 до 70 тони.