Гласот на Америка – Вашингтон
Со падот на Берлинскиот ѕид, што е настан чија триесетгодишнина се одбележува на 9 ноември, се стави крај на поделбата меѓу комунистичкиот исток и демократскиот запад. Воедно, тоа беше и симбол на крајот на комунизмот во Источна Европа, кој, по Втората светска војна, го воведе тогашниот Советски Сојуз. Со тоа е отворен пат за подоцежното обединување на Германија, па некогашната Источна Германија е дел од Западна Европа.
Меѓутоа, околностите во последните години драстично се сменија. Повторно е сè подлабок јазот меѓу денешна Русија и државите кои припаѓаат на корпусот западни држави, поради несогласување во неколку полиња на меѓународната политика.
– Немојте меѓу Русија и Западот да изградите ѕид како што беше Берлинскиот, порача Михаил Горбачов, последниот советски лидер, во авторскиот текст за Ројтерс пред триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Горбачов, поранешен генерален секретар на Комунистичката партија и претседател на Советскиот Сојуз (СССР), одигра значајна улога во настаните кои придонесоа за ставања крај на Студената војна меѓу тогашната СССР и САД.
Берлин, кој во 1945 година кога заврши Втората светска војна и беше поразена нацистичка Германија, беше уништен град. Со Берлинскиот ѕид беше поделен во 1961 година, изграден за да се спречи пребегнување на источни Германци во западниот дел на државата.
Во денешно време, најголемиот дел од него го нема. Делот кој сè уште постои служи како музеј на отворено. Милиони луѓе го посетуваат секоја година.
По падот на Берлинскиот ѕид, источен Берлин постепено фаќаше чекор со западниот дел на градот. Со текот на годините зголемени се вложувањата, изградбата објекти и недвижности.
Една од познатите улици во Берлин е „Мал Дамаск“. Тука граѓаните на Сирија и други кои бегаат од војна отворија фирми и ресторани. Пристигнаа претприемачи од други делови на светот – што на градот му даде нов живот.
Џереми Минсберг, американски туристички водич, вели дека бројот на туристи постојано се зголемува.
– Одеднаш туристите почнаа да доаѓаат, сфаќајќи дека ова е навистина добро место. Тие почнаа тоа на сите да им го кажуваат, а со оглед дека Брегзит е во тек, многу компании одлучија да се преселат во Берлин, појасни тој.
Меѓутоа, графитите на ѕидовите ја покажуваат фрустрацијата на некои граѓани на Берлин, кои мислат дека дојденците довеле до огромно зголемување на цените за изнајмување станови.
– Сè станува прескапо. Берлин сега го следи примерот на Сан Франциско. Просечните берлинци имаат проблем да одат во чекор со луѓето кои заработуваат плати од странство. Тоа создава социјален проблем во градот, укажува Минсберг.
Сепак, економијата на Берлин расте. Меѓутоа, останатиот дел од источна Германија не минува така добро. И покрај тоа што има успешни градови на истокот на земјата, најголемиот дел од поранешна Источна Германија ја изгуби својата индустрија кога падна ѕидот. Фабричките сали се празни, а милиони луѓе изгубија работа или се отселиле.
– Околу 80 отсто од источните Германци изгубија работа по уривањето на ѕидот и повторното обединување. Многу граѓани очајнички настојуваат да пронајдат нешто ново, да најдат работа. Многумина заминаа, вели Елена Ердман – новинарка во дневниот весник „Ди цајт“.
Како што посочува Ердман, постои силна врска меѓу подемот на десничарскиот екстремизам и колапсот на источногерманската економија по обединувањето на Германија.
– Десничарските партии и Алтернатива за Германија се концентрираа на источниот дел на државата и таму се неверојатно успешни, потенцира таа.
Претставничката на партијата на зелените Јана Брикс е загрижена поради порастот на десничарскиот екстремизам во земјата.
– За добра, функционална демократија, потребен ни е голем број луѓе кои се воспитувани на демократски начин, кои размислуваат на демократски начин. Се плашам дека тоа ќе го изгубиме. Секако дека сум загрижена. Но, сепак, мислам дека не е сè изгубено. Сè уште има надеж. Но, не можеме да се однесуваме како сè да е во ред, вели Брикс.
Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, младите луѓе како Јана Брикс даваат сè од себе за да ја сочуваат германската демократија.
Но, како што покажа неодамнешниот десничарски терористички напад на синагога во поранешна Источна Германија – антисемитизмот и исламофобијата и натаму се длабоко вкоренети закани.