Планираните партиски средби се претвораат во митинзи, вака е насекаде деновиве во Струмица каде што се појавува Зоран Заев кандидат за трет градоначалнички мандат на општина Струмица.
Oгромна поддршка од струмичани каде и да се појави, бурни аплаузи и скандирање на неговото име „Зоки, Зоки“. Првата средба синоќа ја имаше со граѓаните од првата урбана заедница.
Просторот пред пазарот „Чешел“ беше претесен за многубројните негови поддржувачи, симпатизери и активисти на неговата партија. Тој ги охрабри своите поддржувачи со пораката дека пред нив се силни аргументи поради големиот број на реализирани проекти поради кои можат со дигнато чело да се борат на овие избори. Гледајќи ги во голем број, тој рече дека веќе и врапчињата знаат кој ќе победи во Струмица.
Сакам да бидете горди на реализираните дела во Струмица за кои цела Македонија ни призна и сме први во државата. Иако се присутни на сите медиуми со „избери дела“ им благодариме за зборот дела што го ставија во нивната кампања. Ако некаде има дела, тоа е во Струмица. Додека власта планира вкупно 10.112 проекти во 85 општини, што значи во просек во секој град по 120, во Струмица има реализирано 2.360 проекти. Тоа се многу проекти за една општина која не е ни втора, ни седма, ни десетта во државата, ние сме 14 по големина општина во Република Македонија. Во овие неколку години наназад и држевме лекција на владата со буџет од две милијарди и 700 милиони евра и тоа лекција од секаков карактер. И затоа струмичани треба да бидат горди, бидејќи направивме добро дело и за оваа владеачка гарнитура на ВМРО ДПМНЕ, нешто почнуваат да учат, а тоа е добро за државата. Такво дело, пред се е гасификацијата која и треба на Република Македонија. Како се изработуваат тие проекти, можат да дојдат да прашаат и да учат. Затоа ВМРО-ДПМНЕ во Струмица според последната анкета има само 22 проценти поддршка од гласачите, 10 проценти се се уште неизјаснети, а 68 проценти ја даваат поддршката за нас и нашите дела, рече Заев.
Кандидатот за градоначалник Зоран Заев се сретна и со граѓаните од четврта и седма урбана заедница. И двете локации беа преполни со граѓани и негови поддржувачи, кои горди на неговите дела во двата мандата, му ја дадоа поддршката за третиот, во кој очекуваат Струмица да стане економски гигант во државата.