(ВИДЕО) Груевски: И самиот Грк Бранко знае дека никој нема право да го менува името

Од:

Македонија се сака со дела, а ние имаме дела со кои се гордееме, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на вечерашниот предизборен митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Виница.

– Бранко знае дека Никола Груевски не е како него. Таман мислев дека ќе зборувам за приоритети во работењето и проекти, кога синоќа најпознатиот Грк, сам се јави и се фати во лага. Јавно кажа дека нема договор за предвремени избори, велејќи дека ние од ВМРО-ДПМНЕ ова намерно го правиме зашто Груевски во јуни ќе го менува името. Ќе му порачам, Бранко не го лажи народот пак и онака не ти веруваат веќе, сите знаат дека се што правеше беше само за да им учиниш на оние што те држат. Одовде ти порачувам, никој нема право да го менува името, само народот одлучува за тоа. Ниту некој прифатил, ниту имало предлог, ниту некој смее да се осмели да прифати било каков предлог, само народот на референдум сам ќе се изјасни. Излези и јавно извини им се на граѓаните и кажи Бранко со што те пристиснаа и со што те држат за вака кукавички да те однесуваш,, рече Груевски.

Тој пред присутните го претстави Емил Дончев, коалицискиот кандидат за градоначалник на Виница, посочувајќи ги неговите досега реализирани проекти и програми.

– Ја согледавме успешната работа на Дончев кој го направи максимумот за неговата општина. Тоа се проекти кои заеднички ги ветивме и ги реализиравме, потенцира Груевски.

За Дончев главен предизвик е општината да застане на здрави нозе, да се носи со предизвиците на новото време.

– Потребни беа две години да ја деблокираме сметката, да вратиме долгови за кои плаќавме огромни камати. Со тие средства можевме да изградиме уште еден ваков плоштад, уште еден базен, уште една спортска сала, но повторно ќе бевме во огромни долгови со огромни камати, рече Дончев.

Ги презентираше програмата и проектите во чиј фокус се, како што нагласи, комуналната инфраструктура преку асфалтирање 15 километри локални и 10 километри регионални патишта. За два месеца, додаде, ќе бидат доврешени уште пет километри пат од Виница до Јакимово и од Виница до Градец.

Дончев најави промена на салонитните со ПВЦ цевки во градското јадро на пет километри водоводна мрежа, уредување на спортски терени, регулација на водотеците во повеќе населени места, прифаќање на атмсоферската канализација, како и вложувања во образованието, културата и спортот, посочувајќи го притоа финансирањето на Меѓународениот фолклорен фестивал „Истибањско здраво-живо“ и истражните работи на археолошкиот локалитет Виничко Кале.

На митингот беше претставена и советничката листа чиј носител е Миле Петков.