Жан Митрев: Продолжуваме со операции врз деца и покрај отказот на Чадиковски

Од:

Од болницата „Жан Митрев“ и понатаму ќе продолжат да вршат интервенции врз бебиња и врз деца, и покрај оставката што вчера ја поднесе единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава, Владимир Чадиковски, кој заедно со тим од државната клиника премина да работи таму, по јавно-приватното партнерство што државата го воспостави со оваа болница.

Неизвесно останува како ќе се вршат понатомошните интервенции со оглед на тоа што Митрев има лиценца за адултен кардиохирург, а единствено Чадиковски има лиценца за детска кардиохирургија. На ова прашање не се дава конкретен одговор во соопштението од болницата на Жан Митрев, а сопственикот во телефонска изјава ни изјави дека на тоа ќе добиеме дополнителни одговори во иднина.

„Клиниката ‘Жан Митрев’ пред дваесетина години го потпиша првиот договор со Фондот за здравствено осигурување за кардиоваскуларна хирургија. Оттогаш во континуитет се изведуваат сите видови на кардиоваскуларни операции. Досега се третирани над 1000 вродени срцеви маани како кај возрасни, така и кај деца и бебиња. Моделот за детска кардиохирургија во склоп на Клиниката тече без никаков застој. Пред само неколку денови успешно беше изведена една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај новородени. Се прават планови за оперативен третман за уште 20-тина деца во наредните неколку недели. Соработката со Министерството за здравство продолжува и понатаму“, се вели во соопштението.

Денеска се очекува оставки да поднесат и останатите десетмина вработени од Државната клиника кои во февруари годинава се во работен однос во „Жан Митрев“. Се шпекулира дека целиот тим преговара за работа во „Аџибадем Систина“, со оглед на тоа што не биле задоволни од условите и концептот на работа во болницата на Митрев.

Минатата година, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и „Жан Митрев“ воспоставија јавно-приватно партнерство, кое наиде на жестоки реакции кај лекарската фела бидејќи истото не беше прецизно дефинирано.

Договорот беше тимот од Државната детска кардиохирургија да премине со работа кај Жан Митрев, а сите интервенции да ги покрива Фондот. И министерот за здравство Венко Филипче веќе изјави дека ова партнерство ќе продолжи и во иднина, иако отворени остануваат голем број прашања пред се околу тоа кој ќе ги врши интервенциите во иднина.