Убиецот од Тексас напишал расистички манифест пред крвавиот напад

Од:

Патрик Крузиус, човекот кој е осомничен дека вчера уби најмалку 20 лица и повреди десетици други во крвавиот вооружен напад во Ел Пасо, Тексас, најверојатно напишал манифест во кој се тврди дека нападот бил расистички мотивиран, пренесува Хафингтон Пост.

На вчерашната прес-конференција надлежните истражни органи изјавиле дека се испитува дали на манифестот испишан на четири страни, насловен како „Незгодната вистина“, објавена на екстремистичкиот интернет-форум „8чан“, непосредно пред пукањето, го напишал осомничениот 21-годишен Крузуис кој потекнува од  близината на Далас.

Според првичните информации Крузиус вчера влегол во продавнциата „Волмарт“ во Ел Пасо и почнал да пука кон купувачите и вработените. На безбедносните снимки од местото се гледа како човек влегува во објектот и држи огнено оружје.

Во објавениот манифест нападот е опишан како одговор на „латиноамериканската инвазија на Тексас“.

„Тие се поттикнувачи, не јас. Едноставно, јас ја бранам мојата земја од културни и етнички промени предизвикани од оваа инвазија“, пишува во манифестот.

“Манифестот вклучува претерано расистичка, ксенофобична и антиимигранска реторика. ‘Хаф Пост’ го разгледа манифестот, но нема да објави линк до истиот“, пишува медиумот.

Во документот, Латиноамериканците се именувани како „натрапници“. Авторот на документот изразува гадење поради „мешањето раси“ и различностите и ги обвинува демократите, републиканците и „Корпоративната Америка“ за континуираната имиграција во САД.  Во манифестот пишува и дека мексиканските имигранти се закана за пазарот на трудот и ги обвинува за обид за „политички пуч“ во Тексас.

Манифестот изразува поддршка за осомничениот за масакрот во џамијата „Кристичрч“ во Нов Зеланд во март годинава во кој загинаа 51 лице.

Американските медиуми пишуваат дека според реториката, во манифестот се изразува и поддршка за претседателот Доналд Трамп.

„Знам дека медиумите ќе го обвинат Трамп и неговата реторика. Но мојот план е направен пред изборот на Трамп“, стои во документот.

Во постовите на социјалните мрежи Крузиус го фалел американскиот претседател Доналд Трамп, особено неговото инсистирање да се изгради ѕид вдолж американската граница со Мексико.

Претседателот Трамп го осуди нападот во Ел Пасо како „кукавички чин“ и на Твитер напиша: „Не постојат причини ни изговори кои некогаш можат да оправдаат убивање невини луѓе’.