Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, поднесе прекршочна пријава во тетовскиот Основен суд, за Државниот универзитет во Тетово и за ректорот, Вулнет Амети.
Илиевски при инспекцискиот надзор на Правниот факултет при ДУТ утврдил дека тројца државни функционери – министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски биле унапредени.
Тој извршил и контролен надзор, а денеска закажал т.н порамнување, но бидејќи тетовскиот универзитет не постапил согласно неговите барања да им бидат поништени звањата на функционерите, тој поднесе прекршочни пријави.
Државниот просветен инспекторат му предложи на директорот Томе Спировски дисциплинска мерка за инспекторот Илиевски зашто ја информирал јавноста за случајот, а постапката не била завршена. Тој пак, смета дека тоа била негова обврска и дека му влијаеле и му се заканувале ништо да не говори во јавноста.